Доларот стагнира, цената на нафтата порасна

10

На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути стагнира пред извештајот за инфлацијата во САД.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 104,12 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,13 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 151,87 на 151,75 јени.

Додека доларот се движи околу највисоките нивоа во последните 34 години, јапонските власти предупредуваат дека може да интервенираат на пазарот за да спречат понатамошно слабеење на јенот.

И додека слабееше во однос на јенот, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се движи околу 1,0850 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1,0860 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по вчерашниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,11 отсто, на 89,55 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,14 отсто, на 85,35 долари.