Доларот зајакна, цената на нафтата расте

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути благо се зголеми по најавата на Трамп за нови царини.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 108,25 поени, додека во петокот навечер изнесуваше 108,10 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута се зголеми за 0,3 отсто, на 151,95 јени.

Американската валута зајакна и во однос на европската, за 0,1 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0315 долари.

Цените на нафтата, сепак, пораснаа по падот за повеќе од 1,5 отсто минатата недела. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово порасна за 0,62 отсто, на 75,10 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,63 отсто, на 71,45 долари.