Долговите на Тито ќе се враќаат уште 20 години

279

Граѓаните на Србија ќе ги плаќаат долговите на поранешниот претседател, Јосип Броз Тито, уште 21 година, а веќе следната недела за наплата достасува долг од над 20 милиони евра, пишува српски Блиц.

На 15-ти декември, според најавата, достасува долг од 22,14 милиони евра, од коишто главнина е 17,8 милиони, а четири милиони се камата.

Последните рати на кредити што поранешна Југославија ги земала во 70-тите и 80-тите години доспеваат во 2031-ва и 2041-ва година, а вкупниот долг надминува 1,7 милијарди евра.

Во тој период, Србија се задолжила со 8,8 милијарди евра, од Парискиот клуб заемот бил 3,8 милијарди, а од Лондонскиот 2,2 милијарди. Во текот на претходните години, во просек се враќани по 250 милиони евра стари кредити, а само минатата година околу 230 милиони евра.

Денес најголемиот долг, како што пренесува Блиц, е кон Парискиот клуб – 1,09 милијарди евра, од каде пред четири децении земјата се задолжи со вкупно четири милијарди евра. На второ место е Светска банка со 700 милиони евра, а уште неколку децении ќе се отплаќаат и кредити во Кина и Кувајт.

Според податоците на Народна банка на Србија, меѓу топ пет најголеми кредитни обврски што доспеаја оваа година се за кредити во Русија, Светска банка и Кина. Најголем дел од обврските се и по основа на емитувани еврообврзници.

Некои земји од поранешна Југославија, како што се Хрватска и Словенија, веќе ги отплатиле кредитите што ги земале во време на Тито. Хрватите последната рата кон Парискиот и Лондонскиот клуб ја исплатиле пред 12 години. На Парискиот клуб му е отплатена последната рата од 192 милиони долари во 2008-ма година, а на Лондонскиот клуб рата од 78 милиони долари една година подоцна.

Фото: Facebook