Дома си е дома – годишниот одмор го заменуваат со реновирање на домот

75

Дома си е дома – актуелен слоган што многу земји го користат со цел да ги привлечат домашните туристи за да можат да се избават од корона кризата што го погоди туризмот. Но, овојпат не станува збор за некоја туристичка понуда за убавините на Македонија, туку за тренд што владее во нашата земја летово.

Голем број семејства, што поради страв од заразување, што поради други причини, решаваат или да го прескокнат или да го скратат годишниот одмор за да инвестираат во реновирање и разубавување на домот.

“Решивме оваа година да појдеме во Охрид на три до четири дена, а парите што ги планиравме за одмор на море ќе ги искористиме за реновирање, бојадисување на домот и промена на дел од мебелот“, вели Виктор М. од Скопје, кој е еден од многуте кои направија стратегија за пократок одмор, но и за реновирање на домот.

Иако со душа го чекаме годишниот одмор, пандемијата си го направи своето, па луѓето ги менуваат приоритетите и се прилагодуваат на новата ситуација.

“Секое лето е исто кај нас, постојано добиваме повици за бојадисување, глетување… сите молерски работи, но ова лето некако се зголеми работата. Во моментот работам кај едни луѓе во центарот на градот кои реновираат од корен, а наместо на одмор ќе одат само на продолжен викенд во Преспа за 28-ми август“, вели Драган С., молер со 20-годишно работно искуство.

Пандемија ги промени животните навики на луѓето, поголемиот дел од времето го поминуваа во домашни услови, со најблиските, обрнувајќи поголемо внимание за хигиената, личното и здравјето на семејството и пријателите. За тоа време, луѓето повеќе време поминуваа дома, уредувајќи го омилениот дел од домот, а оние кои живеат во куќи го разубавуваа дворот.

“Продавам бои и лакови веќе 25 години, но оваа година освен професионални молери, многу често ми доаѓаат муштерии кои сами сакаат да кречат или да фарбаат нешто дома или во двор. Сакаат да експериментираат со различни бои, тапети… сакаат да им биде убав домот, бидејќи некои од мака, но на смеа велат дека не знаат што ќе се случува од септември“, вели Љупчо К., сопственик на продавница за бои и лакови.

Без оглед на тоа што е отежнато патувањето во странство на годишен одмор, сепак тоа е добра причина да се запознаат природните убавини што ги има зад секој агол во нашата земја. Во исто време, со кречење на домот ќе направите темелна дезинфекција што ќе ви помогне да се чувствувате безбедно и пријатно во својот дом. Затоа, не чекајте и фатете четка во рака 😊.

Фото: Freepik