Домашна задача

42

pisuvanje

Фото: Pixabay

Пред некој ден се вратив од зимување и на работа се шегувавме дека би требало да напишам состав: „како си помина на зимскиот распуст“. Веднаш се сетив на школските денови и моментите кога нè „тераа” да пишуваме домашна задача со таков состав, секогаш кога ќе се вратевме од зимски или летен распуст.

Ме заинтригира концептот на домашни задачи и се јавив кај наставниците на моите деца, чисто да го слушнам нивното размислување за ова прашање. Драго ми е што и тие ми го потврдија она што јас го размислував, а и го пребарував по нет, за овој концепт и зашто се користи тој. Домашните работи, во тој период, ни ги даваа главно за повторување на сработениот материјал, за утврдување на сработеното, поттикнување на самостојно размислување и работење, истражување, но и еден вид на стекнување обврска. Во зависност од возраста на ученикот, домашните работи се даваа и за да се задржи континуитетот во учењето.

Искрен да бидам, ништо не е променето ниту сега, на поголема возраст. Суштината е таа, па дури и „вордингот”. Па така, кога некој ќе нè праша: дали си ја заврши својата домашна, значењето може да биде:

  • Истражување – пред воопшто да започнете да ја извршувате работата која ви е доделена, направете истражување. Искористете ги сите алатки кои ви се на располагање да направите истражување за личноста, компанијата, потенцијалите.
  • Подготовка – дали сте подготвени за задолженијата што ви се дадени во смисла, дали имате доволно информации, знаење и документи. Доколку ви се потребни, немојте да се срамите да ги побарате. Немојте воопшто да започнувате, ако ги немате.
  • Анализа – на крајот на денот, направете ревизија на тоа што е сработено, анализирајте ги добрите и лошите работи. Видете зашто некои работи тргнале на лошо. Бидете самокритични и учете од грешките.
  • Приоретизирање – сигурно сте се нашле во ситуација кога имате да завршите премногу работи, па најдобро ќе биде да си направите приоритетна листа. Листата нека биде поделена според категорија од висок, среден и низок приоритет. Тие од висок приоритет, се работи кои треба да ги завршите веднаш, тие од среден за кои не треба толку итна акција, а тие од низок се оние што може да почекаат, но не и да ги заборавите.
  • Работна рутина – дефинирајте ја својата работна рутина во извршување на задачите. Дефинирајте прво начин на извршување на работата која најмногу ви одговара за истата. Дефинирајте ги и работите кои може да ве вознемират при извршување на задачите и веќе кога ги знаете, не дозволувајте тие да ве прекинуваат

Си ја завршивте домашна?

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Калин Бабушку, можете да го поставите на Бизнис советник.