Домашните овластени економски оператори ќе бидат меѓународно признати во ЦЕФТА

33

Царинската управа на Република Северна Македонија успешно ја заврши постапката за меѓународна валидација на Програмата за Овластен економски оператор (ОЕО).  Во извештајот на меѓународните валидатори од земјите членки на ЦЕФТА, ЦЕФТА Секретаријатот, Европската Комисија и експерти на ГИЗ, со највисоко ниво е оценета Програмата за ОЕО на Република Северна Македонија,во кој е потврден дека законски е усогласена со законодавството на ЕУ, а постапките и процесите се во согласност со меѓународните стандарди на ЕУ и на Светската царинска организација.

Со меѓународното признавање, македонските ОЕО, покрај погодностите во нашата држава, ќе имаат големи погодности и во земјите на ЦЕФТА, како што се приоритетно минување на граничните промени, помалку контроли, избегнување на дупло поднесување на документи, бесплатни обуки.

Постапката за меѓународно признавање започна во јуни 2020 година и Република Северна Македонија е прва земја во ЦЕФТА што доби меѓународно признавање. Ова признание е потврда на посветеноста на Царинската управа за градење на партнерски однос со деловната заедница и создавање на услови за побрзо минување на граница и олеснување на царинските постапки.
Список на компании што се Овластен економски оператор може да се прочита на следниов линк:
https://customs.gov.mk/index.php/mk/biznis-zaednica-mk/aeo-mk/1989-spisok-na-ovlasteni-ekonomski-operatori