Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за директни плаќања, планира дополнителна поддршка на свињарството, поради зголемениот увоз од Србија и нарушување на пазарот.
Како што вели ресорниот министер Михаил Цветков, дополнителните субвенции се предлагаат за да се зачува секторот.
“Во периодот од октомври до мај, кога ќе има пад на побарувачката на свинско месо, ќе обезбедиме дополнителни субвенции. Ако грлото е тешко над 120 килограми, одгледувачот ќе добие плус 1.000 денари. Поддршка ќе се дава и за чувањето на месото во ладилници, односно за тоа, државата ќе ги плаќа трошоците“, изјави Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За нарушувањето на пазарот Цветков веќе имал средба со амбасадорката на Србија, а ова прашање планира да го предочи на претстојниот ЦЕФТА состанок.