Дополнителна субвенција од 6.000 денари за хектар пченица

17

Дополнителна субвенција од 6.000 денари за хектар пченица предвидува донесената Уредба, пишува Миа.

Уредбата, како што се наведува, се предложи заради потребата од зголемување на финансиската поддршка за производителите на пченица, првенствено заради ниската откупна цена, намалениот интерес за откуп и зголемениот увоз на пченица и брашно од Србија.

Земјоделските производи од оваа Уредба треба да се складирани во складиштар, којшто е впишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи согласно Законот за земјоделство и рурален развој и е давател на комерцијална услуга за складирање.

Корисници на финансиската поддршка за складирање се земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, кои претходно имаат поднесено барање за директни плаќања по обработлива површина согласно годишната Програма за финансиска поддршка во земјоделството и имаат склучено договор за складирање на земјоделски производи кои тие ги произвеле, како и платено 20 отсто од трошоците за складирање на земјоделските производи.

Корисниците на финансиска поддршка за складирање пченица од домашно производство на која се однесува интервенциската мерка од Законот за земјоделство и рурален развој, треба да има складирано најмногу до 3.500 тони пченица за остварени приноси најмногу до четири тони по хектар од пријавените земјишни капацитети од барањето за директни плаќања.