Досега над 500 илјади граѓани се попишани – бројот на одбивања е исклучително мал

34

Над 500 илјади граѓани се попишани во првите девет дена од Пописот на населението и објектите 2021. Пописот се одвива со посакуваниот интензитет, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски напоменувајќи дека не се очекуваат потешкотии во спроведувањето на пописот и изрази надеж дека операцијата успешно ќе заврши во планираниот рок.

“Вчера, попишавме точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Ова се навистина прекрасни податоци, особено што се работи за работен ден, за разлика од претходните кога беа за време на викенд и очекувано беа повисоки, бидејќи населението е дома. Исклучително сме задоволни и од темпото и од работата на попишувачите и се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и понатаму и без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок“, изјави Симовски.

Во врска со одбивањата на граѓани да се попишат, тој рече дека одбивањата се незначителни, со тие граѓани се разговара и голем дел од нив се согласувале да се попишат.

“Бројот на одбивања е исклучително мал, очекувам денес да имаме точен број. Но, таму каде што има првично одбивање, одиме повторно и разговараме и досега најчесто тие граѓани се убедуваат најчесто и се попишуваат“, изјави Симовски.