Досегашниот директор на Opel го презема VinFast

36

Михаел Лохшелер, досегашниот извршен директор на Opel, ќе стане нов шеф на виетнамскиот производител VinFast откако ќе заврши неговиот договор со Stellantis.

Извршниот директор на германскиот бренд Opel, Михаел Лохшелер, ја завршува својата одисеја во редовите на компанијата и неговиот договор со групацијата Stellantis истекува на крајот на август. Но, искусниот оперативец ќе остане во автомобилската индустрија бидејќи ќе го предводи виетнамскиот производител VinFast во неговата глобална офанзива.

За заминувањето на Лохшелер од Opel се знае уште од средината на овој месец, а во меѓувреме Opel најави дека шефот на Renault DACH, Уве Хохгешурц ќе го преземе приматот во Руселсхајм од почетокот на септември, бидејќи Лохшелер „одлучил да прифати нов предизвик надвор од групацијата Stellantis. А сега е познато и каде се уште актуелниот шеф на Opel ќе се насочи.

Според VinGroup, најголемиот конгломерат во Виетнам, Лохшелер е назначен за извршен директор на VinFast Global автомобилската дивизија. На оваа позиција, Лохшелер ќе ги „предводи операциите на VinFast на актуелните пазари во Виетнам, САД, Канада, Франција, Германија и Холандија, со јасна цел за раст на бизнисот со фокус на Северна Америка и Европа“. Ова вклучува и имплементирање на нови стратешки иницијативи со цел VinFast да стане глобална смарт компанија за електрични автомобили, велат од VinGroup.

Лохшелер има повеќе од 20 години искуство во автомобилската индустрија. Меѓу другите позиции, тој беше и извршен потпретседател на Volkswagen Group of America. По приклучувањето на Opel, тој го презеде финансискиот оддел, по што стана претседател на Извршниот одбор, a од оваа позиција ја следеше и интеграцијата на Opel во PSA Групацијата.

“VinGroup му посакува добредојде на Михаел Лохшелер во нашиот лидерски тим. Силно веруваме дека неговото присуство ќе ја забрза глобалната експанзија на VinFast. Михаел Лохшелер и неговото учество во високиот менаџмент на VinFast ги реафирмира долгорочните планови на VinGroup во привлекувањето на исклучителни таленти и ангажирање на менаџерски експертизи од елитните кругови на глобалната автомобилска индустрија“, истакна потпретседателката на VinGroup, Тај Ле.