DoubleTree by Hilton од први јануари ги пречекува првите гости во новиот објект во Скопје

111

Хотелот DoubleTree by Hilton Skopje, најновиот во синџирот луксузни хотели на реномираниот бренд, од први јануари, официјално почнува со работа и ќе ги пречека првите гости, стои во соопштението.

Лоциран покрај кејот на реката Вардар близу мостот Близнак во општина Аеродром, објектот се простира на пет ката со едно подниво и зафаќа површина од 25.000 метри квадратни.

За врвна услуга и топло гостопримство, Хилтон става на располагање 170 соби, 15 апартмани од кои еден претседателски од 260 метри квадратни, Euphoria Welness & SPA модерен спа и фитнес центар од 1.400 метри квадратни, традиционална турска бања, сауна, џакузи и затворен базен, како и најмодерната Life Fitness опрема за вежбање, шест конференциски сали, една сала за свечености Diamond Ballroom, три ресторани.

Хотелот располага со сопствен затворен паркинг простор за 150 возила, како и отворен паркинг за 200 возила. Хотелот нуди панорамски поглед на градот, а за беспрекорен престој на гостите ќе се грижат близу 200 вработени.

На објектот интензивно се работеше две години и освен што е импозантен однадвор, енергетски и еколошки е ефикасен и има врвно хортикултурно уредување. Целосната инвестицијата е вредна 50 милиони евра.

Еден од лидерите во хотелиерската индустрија, Хилтон досега беше присутен во 109 држави со вкупно 5.500 хотели и во својата стогодишна историја има пречекано повеќе од три милијарди гости. Новата 2019 ја почнува додавајќи ја и Македонија на својата мапа, со најубавиот DoubleTree by Hilton хотел во светот.