Dow Jones Industrial Average изгуби повеќе од 600 поени во четвртокот и ја забележа најголемата еднодневна загуба за 2022 година, пишува The Wall Street Journal. Акциите паѓаат поради геополитичките тензии и очекувањата за заострување на монетарната политика во САД.
„Блу-чип“ индексот падна за 622,24 поени, или 1,8 отсто, на 34.312,03, најлошата сесија за Dow од ноември. S&P 500 изгуби 94,75 поени, или 2,1%, на 4.380,26. Технолошкиот Nasdaq Composite го заврши денот за 407,38 поени пониско, или 2,9%.
Девет од 11-те сектори во S&P 500 го завршија денот во минус. Stoxx Europe 600 исто така падна за 0,7%. Сите три главни индекси се на пат да забележат неделна загуба. Dow е на 6,8% од својот рекорд на почетокот на јануари, а S&P 500 и Nasdaq забележаа уште поголеми загуби.
Акциите се под притисок поради ескалацијата на тензиите меѓу Русија и Украина. Белата куќа предупреди дека инвазијата може да започне во секој момент и дипломатските напори
засега не даваат резултати. Случувањата оваа недела предизвикаа нестабилност на пазарот.
Геополитичките тензии доаѓаат во време кога инвеститорите се соочуваат со висока инфлација, а Федералните резерви се подготвуваат да ги зголемат каматните стапки. Токму проблемот со високите цени и заострувањето на монетарната политика ќе остане водечки за пазарите и во наредните месеци.
„Инфлацијата влијае на потрошувачката, прогнозите на бизнисот и што е најважно, насоката на монетарната политика“, напишаа стратезите на JPMorgan Chase претходно оваа недела.
Особено чувствителни се акциите на технолошките компании. Во четвртокот Меtа, сопственикот на Facebook, загуби уште 4% од неговата вредност и компанијата повеќе не е во првите десет по пазарна капитализација. Од врвот, достигнат во септември, тие изгубиле дури 46 отсто.











