Dreamoc 3D холограмските дисплеи се нашата предност пред конкуренцијата

41
1
Душко Трајановски, генерален менаџер на Total Media Production

Тотал Медиа Продукција нуди палета на услуги како што се: графички дизајн, 3D дизајни, веб дизајн и девелопмент, продукција и пост продукција на видео и кратки анимации, интерактивен маркетинг преку социјалните медиуми и од неодмна новото “чудо” на нашиот пазар, 3D холограмските дисплеи Dreamoc. Нешто повеќе околу ова, во продолжение во разговорот со генералниот менаџер, Душко Трајановски.

БИ: Како почнува приказната за Total Media?

Велат дека сите работи се случуваат со причина. Па така, пред околу три години, еден познаник ме замоли да направам неколку дизајни за негов пријател кој има компанија во Швајцарија. За среќа, дизајните им се допаднаа, па така наскоро направив и дизајни за пријателот на пријателот и така се роди идејата за денешната Тотал Медиа. Инаку, Тотал Медиа Продукција во тоа време функционираше како фирма човек и тоа после регуларно работно време, нешто како хоби, затоа што во исто време работев и во една од локалните ТВ станици. Пријателот за кој ги направив дизајните е сегашниот ко-сопственик и партнер во компанијата, Никола Трајанов, кој живее и работи во Цирих.

Така се роди концептот за денешната Тотал Медиа, го комбиниравме нашиот талент и знаењето со потенцијалот на тамошниот пазар. Почнавме со двајца вработени и првата година работевме само за потребите на клиентите од Швајцарија и Германија. Подоцна одлучивме да си ги измериме силите и на домашниот пазар и да ги ставиме на располагање нашите услуги и знаење на компаниите во Македонија.

Денес во Тотал Медиа Продукција работи тим од десетина млади и креативни професионалци, а компанијата соработува и со уште толку надворешни соработници.

ART_4680-1

БИ: Што им нудите на клиентите и по што сте препознатливи, што ве разликува од конкуренцијата?

Тотал Медиа Продукција нуди палета на услуги како што се: графички дизајн, 3D дизајни (моделирање и визуелизација на објекти, ентериери, екстериери…), веб дизајн и девелопмент (посебно би сакал да го истакнам делот каде што се работи на развој на custom CRM апликации специјално изработени и прилагодени на процесите на компаните за кои се развиват), продукција и пост продукција на видео и кратки анимации, интерактивен маркетинг преку социјалните медиуми и од неодмна новото “чудо” на нашиот пазар, 3D холограмските дисплеи Dreamoc.

Тоа што не разликува од конкуренцијата… Умееме да слушаме внимателно.

6

БИ: За прв пат донесовте холограм за маркетинг промоција, дали мислите дека ќе побуди заинтересираност кај македонските компании?

Мислам дека ова е иднината на маркетингот. Денес на овој високо конкурентен пазар секој се труди да биде поразличен од конкуренцијата за да биде забележан, а ние едноставно го имаме средството за тоа. Неодамна склучивме договор со данската компанија Realfiction кои се производители на Dreamoc холограмските 3D дисплеи, за застапништво и репрезентација, како во Македонија, така и во Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, БиХ и Хрватска.

Самиот факт дека се работи за нов производ кој има висока визуелна моќ и претставува ново технолошко достигнување, предизвикува голем интерес кај сите оние кои го имаат видено. Како што велат нашите партнери, го има ефектот “Stop and Wander”.

Има широк спектар на примена и имплементација, а можностите да се биде креативен се неограничени. Но, вистинската моќ на Dreamoc дисплеите доаѓа од можноста да се комбинираат реални објекти со виртуелни апликации, што во потполност ја ослободува “магијата” која се способни да ја креираат. Можете да ја посетите нашата веб страница www.holo.total-media.ch и да дознаете повеќе.

БИ: Како се промовиравте на странскиот пазар, како се справувате со тамошната конкуренција?

Најдобрата промоција секогаш е добро завршената работа и препораката која потоа следува. Покрај тоа, го користиме присуството на социјалните мрежи и неколку веб страници, преку кои нашите клиенти можат да се запознаат со се она што го нудиме, а исто така сме застапени и во еден Life Style магзин. Станува збор за First The Magazine, каде ја имаме задачата графички да ги уредиме содржините.

За конкуренцијата… ја има секаде. Ние само се трудиме да ја завршиме работата најдобро што можеме, впрочем, мислам дека ова е универзална алатка за борба со конкуренцијата.

БИ: Кои се Вашите планови во иднина?

Немаме специјални планови – впрочем, не сакаме конкуренцијата да знае за нив… Се шегувам 🙂

Нашите цели се поставени и во моментот работиме на нивна реализација. Би посочил само неколку, како што се развивање на нови веб апликации (сопствен софтвер) и освојувањето на балканскиот пазар со Dreamoc 3D холограмските дисплеи.