Дубаи набавува повеќе од 100 летечки автомобили (ФОТО/ВИДЕО)

23

Компанијата Avitera од Дубаи нарача повеќе од 100 летечки автомобили кои ќе ги превезуваат жителите на луксузната престолнина на светот кога ќе влезат во употреба најдоцна во 2025, 2026 година.
Холандскиот PAL-V ќе произведува и испорачува двоседи кои ќе можат да се движат низ земјата, но и да се претворат во авиони доколку е потребно.

Клиент е Avitera, компанија ќерка на авиокомпанијата Jetex, чиј план е на жителите на Емиратите да им понуди решение за лесно да стигнат до посакуваната дестинација.

Муханад Вада, генерален директор на Avitera, наведува дека се работи за автомобил кој може да се паркира на обичен паркинг.

„Ќе можете да го возите на земја и ќе можете да го претворите овој автомобил во летечко возило во рок од две минути. Потребна е писта, тоа е пат од 120 метри за да може да полета и да се искачи на максимум 3.400 метри. По слетувањето, можете да го возите како обичен автомобил до вашиот дом или друга дестинација. Ќе го користи истото гориво што се користи за обичните автомобили. Значи, тоа е возење автомобил со авионски мотор на патот“, објасни Вада во интервју за Khaleej Times.

Неодамна Дубаи потпиша договор и со американската компанија Joby Aviation за управување со секторот за воздушно такси во следните шест години.