Дубаи воведува пакет мерки за поддршка на економијата вреден 272 милиони долари

Владата на емиратот Дубаи одобри пакет мерки за поддршка на економијата во вредност од една милијарда дирхами, што е 272,26 милиони долари, со цел полесно справување со финансиските тешкотии во сегашната криза, објави во понеделник на мрежата X. крунскиот принц на Дубаи, шеикот Хамдан бин Мухамед бин Рашид ал Мактум.

Мерките треба да бидат воведени на 1 април и да останат во сила од три до шест месеци. Целта е да се обезбеди поголема флексибилност на економијата на емиратот и да им се овозможи на компаниите и семејствата полесно да се справат со финансиските тешкотии во сегашните економски услови.

Извршниот совет на Дубаи одобри серија иницијативи и стратегии за јакнење на поединците и општеството и промовирање на трговијата и инвестициите на состанокот со кој претседаваше престолонаследникот Шеик Ал Мактум, објави индискиот весник „Економик тајмс“ (ЕТ). Целта е исто така да се подобри мерењето на економските резултати и да се заштити работната сила, според ЕТ.

Клучните мерки вклучуваат одложување на плаќањето на државните такси и поддршка за угостителскиот сектор. Покрај тоа, владата ќе го поедностави издавањето и обновувањето на дозволите за престој за да го олесни живеењето и работењето во Дубаи и да ја зајакне економијата.

„Дубаи стекна репутација за кредибилитет, транспарентност и доверба меѓу компаниите и инвеститорите ширум светот и е подготвен да се соочи со секој предизвик со решителноста на своите луѓе и силата на своето инклузивно општество“, рече крунскиот принц, кој е и заменик-премиер и министер за одбрана на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Извршниот совет ги одобри и економските резултати на Дубаи за четвртиот квартал од 2025 година, според кои економската активност на емиратот пораснала за 6,4 проценти. Во текот на целата минатата година, БДП на Дубаи пораснал за 5,4 проценти, достигнувајќи 937 милијарди дирхами, според ЕТ. Покрај Дубаи, ОАЕ ги вклучува и емиратите Абу Даби, Аџман, Фуџаира, Шарџа, Рас ал-Хаима и Ум-ал-Куваин.