Дубровник: Туристите дневно трошат по 170 евра

35

Фото: Pixabay

Просечната дневна потрошувачка на стационираните гости во Дубровник е 170 евра, од коишто 87 евра отпаѓаат на сместување, на храна и пијалаци надвор од објектот за сместување трошат 43 евра, за култура и забава одвојуваат 14 евра, пишува Агробиз, повикувајќи се на податоци од истражувањето Tomas Dubrovnik 2018.

Најголеми “потрошувачи“ меѓу гостите се оние кои доаѓаат од Америка, Австралија и од азиските земји. Две третини од гостите во Дубровник доаѓаат со партнер, а 86% од нив го посетуваат градот за прв пат. Околу 85% од гостите доаѓаат во овој туристички град со авион, а 70% во Дубровник престојуваат од четири до седум денови.

Податоците од истражувањето покажуваат дека гостите најмногу се задоволни од убавините на градот, безбедноста, гостопримството и квалитетот на сместувањето, а најмалку се задоволни од локалниот превоз, можноста за капење, метежот во сообраќајот на јавните места и плажите.

Станува збор за прво истражување што се однесува на Дубровник, а спроведено е на околу 1.600 испитаници.