Два предложени проекти на Македонија за гасно енергетско поврзување со земјите од Централна и Југоисточна Европа се вградени во регионалната иницијатива CESEC, пишува Миа.
За иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC) денеска во Дубровник е потпишан Меморандум за разбирање за заеднички пристап за решавање на диверзификацијата на природниот гас и предизвиците на безбедноста на снабдување.
“Македонските проекти поради својата специфична географска близина се опфатени во CESEC како заеднички проект со регионален концепт и тоа Македонија интерконектор Бугарија/Грција“, рече министерот за економија Беким Незири.
Македонија моментно користи природен гас преку единствената интерконекција со Бугарија во близина на Крива Паланка.
“Со оваа иницијатива во која се вклучи Македонија со свои проекти се овозможува регионално поврзување со соседите и користење природен гас од различни извори (Азербејџан, Црно Море (Романија) и LNG терминали во Грција) со што ќе се зголеми конкурентноста на македонската економија преку обезбедување поевтин енергенс за гаѓаните и компаниите“, рече Незири.
Паралелно со овој проект, со десетгодишниот план за развој на гасификацијата, укажа Незири, имаме проект што е прифатен од страна на ЕК со кој се предвидува поврзување на Македонија со Албанија што значи дека ќе бидеме дополнителни корисници на гасот што се предвидува во регионот.
Целта на иницијативата CESEC е унапредување на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас и обезбедување сигурност во снабдување на регионот преку унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите со заедничко ангажирање на сите земји членки на ЕУ и на договорните страни на Енергетската заедница.