Две златни медали за Винарија Камник

9

vino

Освен богатиот род во лозјата на Камник, оваа есен донесе и две златни медали од AWC VIENNA 2015, Австрија. AWC VIENNA, познат како најголемиот официјално признаен натпревар за вино во светот, годинава имаше 11.000 примероци на вино од 1.650 производители, од 40 земји во светот.

Престижната репутација на овој светски вински натпревар во голема мера се должи на дегустациите на винските примероци кои се вршат од страна на признаени експерти и врвни познавачи на виното, и тоа по принципот на слепо оценување. Официјалното соопштување на резултатите се одржа на 25 октомври во Виена во раскошниот амбиент на Виенската градска сала.

Двете вина со кои винаријата Камник учествуваше на овогодишниот AWC VIENNA и за кои доби златни медали се Signature Merlot Grand Reserva 2012 и Ten Barrels Syrah Reserva 2012.

Signature Merlot Grand Reserva 2012 е посебно полусуво црвено вино добиено од внимателно одбрано грозје од сортата Merlot. Куриозитетот за ова вино е примената на природна редукција на родот со која се овозможува парцијално дехидрирање на гроздовите на самата лоза. Процесот од 23-месечното одлежувањето на ова вино во нови барик буриња од американски и француски даб резултира во интензивен, созреан и комплексен мирис на зрелo пасирано црвено овошје, дискретна ванила и нијанси на ментол и каранфилче. Вкусот е богат, полн и исклучително созреан, со мека танинска структура, хармонични киселини и долготраен овошно-чоколаден послевкус. Со продолженото зреењето во шише  во соодветен амбиент ова вино добива дополнителна комплексност.

Ten Barrels Syrah Reserva 2012 е добиено од сопствените насади исто така со двојна редукција на приносот која резултира во парцијално дехидрирање на гроздовите на самата лоза. Ваквите ампелотехнички постапки овозможуваат добивање на фенолно зрело вино со интензивна рубин црвена боја, висок екстракт и потенцијал за созревање. Аромата е комплексна, овошно-зачинска, со изобилство од тонови на ситнозрнесто црвено и црно овошје и потсетува на црна рибизла. Вкусот е елегантен и полн, со долготраен послевкус. Процесот на 25-месечно одлежување во нови барик буриња од американски и француски даб овозможува добивање на добра структура и интегрирани танини, арома на ванила и џем од капини.