Двегодишно дете од дивиденда заработи над милион денари

138

Лице кое се родило во 2018-та година, остварило доход од дивиденда над 1.000.000 денари, додека во групата приходи над 10.000.000 денари, најмладиот има 21 година, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.

Највозрасното лице кое остварило над еден милиони денари приход има 99 години, додека во групата над 10 милиони денари, највозрасниот има 93 години.

Податоците на УЈП покажуваат дека највисок годишен приход во земјава за 2018-та година, прикажала жителка на Скопје и е во висина од 1.056.992.055 денари годишен бруто приход. Нејзин сограѓани е втор на листата со остварен годишен бруто приходи од 453.517.731 денар.

На листата со највисоки приходи пријавени од страна на исплатувачи, вршители на дејност и физички лица за 2018 година, освен скопјани, има и граѓани од Гевгелија со остварен бруто приход од 300.680.561 денари, Струмица со остварен бруто приход од 250.741.672 денари и Тетово со остварен бруто приход од 225.127.682 денари.

Највисоката годишна бруто плата во 2018 година исплатена е во секторот здравство и изнесува 183.806.532 денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутунски производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Највисокото лично примање по друг основ изнесува 119.268.921 денари на годишно ниво.

Остварен е највисок износ на капитална добивка во последните 10 години, односно од лице од Скопје пријавена е капитална добивка во бруто износ од 841.164.000 денари. Заработка од 407.262.693 денари пријавил граѓанин од Скопје по основ на дивиденди и други приходи од учество во добивката.

Самостојното вршење на дејност во 2018 најпрофитно за скопјани, кои доминираат на листата со приходи по овој основ, од кој највисокиот изнесува 46.024.172 денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители. Земјоделието најисплатливо во Југоисточниот регион, каде граѓанин од Гевгелија остварил приход од продажба на сопствени земјоделски производи во износ од 25.319.395 денари, а валандовчанец остварил 19.744.161 денари приходи по овој основ.

Во 2018 година прворангираниот според вкупно остварени бруто приходи од имот и имотни права е обврзник од Тетово, кој пријавил 84.039.667 милиони денари. Прворангиран според остварени вкупно бруто приходи од авторски права/индустриска сопственост е обврзник од Скопје, со 22.612.966 денари.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, односно пријавен вкупен бруто приход од игри на среќа е жител на Скопје кој само по овој основ остварил 53.611.197 денари.

Прво-рангираниот пензионер од Скопје пријавил 5.738.783 денари вкупен годишен бруто приход по основ на пензија остварена во странство. Највисок годишен бруто приход по основ на пензиски надоместок за доброволно пензиско осигурување пријавен е во Скопје во износ од 2.798.737 денари.

Фото: Pixabay