Двоцифрен раст на пензиски и инвестициони фондови, осигурителни друштва…

158

Во периодот по глобалната економска криза од 2008 година, постои тренд на растечка траекторија кај останатите финансиски институции (ОФИ), смета гувернерката на Народна банка на воведното обраќање на првата од серијалот е-работилници за новинари.

“Се забележуваат дури и двоцифрени стапки на раст, од кои не е исклучок и нашата економија. Една од причините за тоа се направените големи регулаторни реформи во финансиската сфера во периодот по кризата од 2008 година. Овој тренд е значаен од повеќе аспекти. Од една страна, значи поголема понуда на финансиски производи и нови можности за инвестирање, но од друга страна бара и поголема внимателност, пред сѐ за заштита на потрошувачите од преземање прекумерни ризици, преку финансиска едукација и воспоставување институционални механизми за нивна заштита“, истакна во воведното обраќање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Инаку, како останати финансиски институции се вбројуваат пензиските фондови, осигурителните друштва, инвестициските фондови, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг.

Народната банка, иако не е регулатор надлежен за овие институции, во согласност со меѓународните стандарди ја изготвува оваа статистика, којашто е особено значајна заради сѐ поголемата улога на ОФИ во финансискиот сектор и нивното сѐ поголемо значење во финансиското посредување. Оттука, секако, за централните банки, освен за водењето на монетарна политика, оваа статистика е особено значајна и заради остварување на целта за одржување на финансиската стабилност.