Двоен златен медал за новото премиум вино на Tikveš Châteaux & Domainеs во Кина

102

Новото црвено премиум вино Terrasse a L’Ombre 2018, коешто е дел од Tikveš Châteaux & Domainеs, освои двоен златен медал на првиот голем меѓународен вински натпревар оваа година, што се одржа во Хонг Конг, Кина – China Wine & Spirits Best Value 2020, стои во соопштението.

Двојниот златен медал, што е највисоко признание што се доделува на овој престижен вински натпревар, е освоен во конкуренција од најпознатите светски вински брендови кои се селектирани и оценувани од тим од 100 вински судии, номинирани од најголемите увозници на вино, ресторани и специјализирани продавници во Кина, коишто годишно увезуваат вино во вредност од над 20 милијарди долари.

“Кина е на пат да стане втор најголем пазар во светот според консумацијата на вино, надминувајќи некои традиционални пазари како Франција и Велика Британија. Како компанија веќе подолг временски период ги анализираме ваквите трендови и преземаме конкретни чекори за зголемување на пласманот на нашите вина на овој огромен пазар. Веруваме дека освоените медали на ваквите натпревари ќе креираат позитивен имиџ и ќе ги зголемат шансите за соодветно позиционирање на Тиквеш како европски производител на вина со премиум квалитет, што е особено важно за потрошувачите на кинескиот пазар“, објаснува генералниот директор на винарската возба Тиквеш, Радош Вукиќевиќ.

Премиум виното Terrasse a L’Ombre 2018 е произведено во винарницата Château de Gourdon, сместена во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција, која од ноември 2018-та е составен дел од Тиквеш. Terrasse a L’Ombre 2018 e седмото по ред премиум вино од обновеното портфолио на винарницата Château de Gourdon кое од неодамна е достапно и за македонските љубители на високо квалитетни вина.

По своите карактеристики, ова премиум вино е идеално балансирана купажа од сортите: сира (Syrah – 65%), што созревала во нови француски дабови буриња и гренаш црн (Grenache Noir – 35%) која одлежувала во бетонски танкови. Се одликува со уникатна темнопурпурна боја и нагласени ароми на шумско овошје, при што доминираат капина и малина, дополнети со ноти на бибер, слатки ориентални зачини и ароматични билки. Во вкусот се чувствува сладок корен.

Заедничка одлика на сите вина од Tikveš Châteaux & Domainеs, во којашто спаѓаат ексклузивните вина на Тиквеш од Бела Вода, Барово, Лепово и вината произведени во винарницата Château de Gourdon, е тоа што тие потекнуваат од строго контролирани лозови насади кои се дел од самиот посед и каде климатските услови, сонцето, водата, ветерот и почвата, со еден збор – ‘тероарот’, се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети вина со извонреден квалитет. Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и имаат уникатен карактер којшто ги отсликува дистинктивните карактеристики на самиот локалитет.