Двојно зголемени меѓународните туристички патувања во светот во првиот квартал од годинава

33

Меѓународниот туризам е на пат да ги достигне нивоата пред коронавирусот во првиот квартал од 2023 година, при што пристигнувањата на туристите се повеќе од двојно зголемени во споредба со минатата година, објави во вторникот Светската туристичка организација (UNWTO).

Околу 235 милиони туристи патувале во странство во периодот јануари-март, покажуваат најновите податоци на Светскиот туризам барометар на UNWTO, јавува Anadolu Agency.

Со овие бројки, меѓународниот туризам достигна 80 отсто од нивоата пред пандемијата во првите три месеци до март.

Блискиот Исток забележа најсилни перформанси како единствен регион кој ги надмина пристигнувањата во 2019 година за 15 проценти во првиот квартал од 2023 година.

Европа достигна 90 отсто од нивоата пред пандемијата, поттикната од силната интрарегионална побарувачка. Азија и Пацификот постигнаа 54 проценти од нивните нивоа пред вирусот, но овој нагорен тренд ќе се забрза бидејќи повеќето дестинации, особено Кина, повторно ќе се отворат.

Истакнувајќи дека пристигнувањето туристи на многу места се блиску или ги надминало нивоата од 2019 година, генералниот секретар на UNWTO, Зураб Пололикашвили, рече дека сепак треба да се внимава поради предизвиците како што се геополитичката несигурност, недостигот на персонал и потенцијалните влијанија на трошоците.

Во 2022 година, ревидираните податоци покажаа дека над 960 милиони туристи патувале во странство, што е 66 отсто од нивоата пред вирусот.

Приходите од меѓународниот туризам треба да достигнат 1 милијарда долари во 2022 година, што е зголемување од 50 отсто од година во година.

Европа забележа највисоки приходи од речиси 550 милијарди долари во 2022 година, или 87 отсто од нивоата пред пандемијата. Африка врати 75 отсто од приходите пред пандемијата, Блискиот Исток 70 отсто, а Америка 68 отсто. Поради долгорочното затворање на границите, азиските дестинации се на околу 28 отсто.