ДЗС: Издадени вкупно 177 одобренија за градење во февруари

8

Според податоците на Државниот завод за статистика, во февруари 2018 година се издадени 177 одобренија за градење, што е за 51,2% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.319.609 илјади денари, што е за 63,6% помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во претходниот период беше издадено одобрение за градење магистрален транспортен топловод во Пелагонискиот регион. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 119 (67,2%) се наменети за објекти од високоградба, 22 (12,4%) за објекти од нискоградба и 36 (20,4%) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 177 објекти, на 123 (69,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 54 (30,5%) објект инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 610 станови, со вкупна корисна површина од 46.493 м2.