ДЗС: Покриеноста на увозот со извоз е 66,4%

10

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2014 година, изнесува 1.193.925.000 долари. Според претходните податоци на Државниот завод за статистика  (ДЗС), вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари-јуни 2014 година изнесува 2.357.790.000 долари, а на увозот 3.551.715.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 66,4%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-јуни 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 78,8% и земјите од Западен Балкан со 13,7%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 64,5% и Останати земји, на друго место неспомнати со 11.1%.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија, односно 52,8% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.