ДЗС: Пораст на вкупната вредност на извозот на стоки за 14,4%

32

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 199.820.172 илјади денари и бележи пораст од 14,4 % во однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јули 2018 година,  изнесува 265.389.025 илјади денари, што е за 11,7 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 65.568.854 илјади денари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 75,3%. Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи
со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари –јули 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 3.247.792 илјади евра и бележи пораст од 14,5 % во однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.313.598 илјади евра, што е за 11,9 % повеќе вo споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 1.065.806 илјади евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 3.906.666 илјади долари и бележи пораст од 25,7 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.195.729 илјади долари, што е за 23,3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 1.289.063 илјади долари.