Фото: Pixabay
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Македонија во 2017 година изнесува 635.875 тони. Споредено со 2016 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2017 година бележи зголемување од 4,2%.
Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот регион – 164.246 тони или 25,8% од вкупното собрано количество во Република Македонија. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 527.700 тони или 83% се собрани од домаќинствата, а останатите 17% од правни и физички лица (комерцијален отпад).
Според видовите на отпад, најголемо количество на собран отпад е измешан комунален отпад, 554.280 тони или 87,2%, а најмало количество отпад од гума, 1.007 тони или 0,2% од вкупното количество собран комунален отпад. Вкупното количество на создаден комунален отпад во Република Македонија во 2017 година изнесува 786.881 тони.
Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2017 година изнесува 379 кг по жител, што е за 1,3 % помалку од истото количество во 2016 година.
Најголемото количество на собран комунален отпад (99.4 %) се отстранува на депонија.