Деветнаесетгодишниот Иван Мрвош од Хрватска стои зад иновативниот дизајн на електронската табуретка на која може да се полнат мобилни телефони. Табуретките можат да ја менуваат својата боја, а содржат и Bluetooth и USB приклучок.
“Масичката и четирите табуретки ги развивав три месеци. Се правев сам и дизајнот и конструкцијата, како и електротехниката“, вели Мрвош за порталот 24sata.hr.
Идејата за оваа иновација се родила во еден клуб во Сплит, каде што забележал саксии за цвеќе што светат. Потоа на интернет видел како Кинези дизајнирале светлечка кутија за седење.
Иван направил слична таква кутија, ја обложил за да биде удобна за седење и ја претворил во електронски мебел. Со притискање на едно копче може да се менува бојата на светлото, а табуретката има и Bluetooth и USB приклучок. Најновите модели сами ќе ги менуваат боите и ќе реагираат на музика, ќе имаат 16 различни нијанси и на нив ќе можат да се ставаат реклами.
“Од секогаш ме фасцинираше електрониката, механиката и роботиката. За мојот матурски труд направив робот за пребарување мини“, вели Мрвош.
Тој сега осмислува дизајн на клупи за јавни површини на кои луѓето ќе можат да ги полнат мобилните телефони, таблети и лап топ компјутери. Клупите ќе бидат енергетски независни и ќе се полнат со соларни плочи, а ќе имаат и приклучок за интернет.
Во идејата досега вложил околу 900 евра и бара инвеститори, кои ќе му ја дадат потребната поддршка. Кога ќе почне производството, купувачите сами ќе можат да го изберат обликот на масата и на столчињата.