
eBay се согласи да плати 48,7 милиони долари на пар од Масачусетс кој изјави дека со години бил малтретиран од поранешни вработени затоа што известувалe за компанијата.
Дејвид и Ина Штајнер, основачи на билтенот за е-трговија EcommerceBytes, ја тужеа компанијата во 2021 година во федералниот суд во Бостон. Тие тврдеа дека биле подложени на кампања на заплашување насочена кон потиснување на нивното известување на eBay, вклучувајќи сајбер-следење, смртни закани и надзор во живо.
Федералните обвинители претходно тврдеа дека парот добил анонимни писма што содржеле живи лебарки и пајаци, погребен венец и маска со крвава глава од свиња. Поранешните вработени, исто така, наводно испратиле порнографски списанија до соседите на име на сопругот и планирале да провалат во гаража за да инсталираат GPS уред на автомобилот.
Со спогодбата, семејството Штајнер ќе добие 48,7 милиони долари отштета, при што eBay ќе плати 46,15 милиони долари, поранешниот извршен директор Девин Вениг 2 милиони долари, поранешната извршен директор Венди Џонс 500.000 долари и поранешниот извршен директор Стив Вајмер 50.000 долари.
Компанијата, исто така, ќе финансира 6 милиони долари донации за непрофитни организации, додека Вениг ќе донира дополнителни 1 милион долари на организација посветена на заштита на правата од Првиот амандман во име на Ина Штајнер.
Адвокатот Кристофер Мерфи рече дека случајот е исто така напад врз слободата на говорот и слободата на печатот.
Во нова изјава, eBay го повтори своето извинување, велејќи: „Она на што семејството Штајнер беше изложено од поранешни вработени на eBay во 2019 година беше погрешно, срамно и никогаш не требаше да се случи“.
Компанијата, исто така, рече дека го сменила раководството и ги зајакнала внатрешните процедури и обуката за етика по случајот.











