ЕБОР: Македонската економија годинава ќе расте 0,3%, следната 2%

13

Економиите на земјите од Југоисточна Европа годинава ќе остварат значително помал раст од предвидениот поради влијанијата од влошената состојба во еврозоната, објави Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Новата проекција за растот на македонската економија за оваа година според ЕБОР е 0,3%, а за следната 2%, што е највисок прогнозиран во регионот на ЈИЕ, освен Турција која ќе има раст од 3,7%.

Македонија во 2011 била заштитена од кризата во еврозоната, пред се поради внимателната фискална политика и координираноста со монетарната политика. Сепак, годинава влијанието на надворешните фактори се чувствуваат посилно, поради што е забавен економскиот раст пред се како резултат на намалениот извоз поради помалата побарувачка, намалените странски инвестиции и дознаки од странство. Затоа се предвидува минимален раст од 0,3%, наведува ЕБОР во делот за Македонија.

ЕБОР за годинава ги намали проекциите за БДП за сите земји во регинот, освен за Турција, која ќе забележи поголем раст од предвидениот, од 2,7% на 3%.

За следната година, ЕБОР предвидува раст на БДП во Хрватска на 1,2%, на Албанија 1,3%, БиХ 0,4%, Бугарија 1,7%, Црна Гора 0,8%, Србија 1,1%, а пад на економијата ќе забележи само Словенија, и тоа -2%.