ЕБОР прогнозира пад на македонскиот БДП од 5% годинава, раст од 3% догодина

25

Пад од 5% на македонската економија годинава и раст од 3% следната година, предвидува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во објавената есенска макроекономска прогноза.

“Според нашите проекции, годинава ќе има пад на БДП од 5% и раст од 3% следната година, што е слично со останатите земји од Западен Балкан, како и оние со индустриска база во Централна и Источна Еврoпа. Откако имаше раст од близу нула проценти (0,2%) во првиот квартал, БДП се намали речиси за 13% (-12,7%) во вториот квартал, што значеше дека има големи нарушувања во економијата, преку значително намалување на приватната потрошувачка, инвестиции, договорите за извоз и увоз“, вели Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија во интервју за МИА.

Во најновиот извештај ЕБОР изврши надолна ревизија за 1,5% на БДП за годинава односно за 2,5% за догодина во однос на прогнозата во мај. Тогаш банката проектираше пад на нашата економија од 3,5% во 2020 и раст од 5,5% во 2021 година.

“Влијанието на кризата во регионот на Западен Балкан ќе предизвика пад од 5,1% годинава како резултат на колапсот на туристичкиот сектор (особено во Албанија и Црна Гора), нарушувања во глобалните синџири на снабдување и пад на странските директни инвестиции и дознаките од странство. Растот се очекува да достигне 3,4% во текот на следната година“, стои во извештајот.

Од земјите во регионот најгoлем пад на економијата од 9% годинава според ЕБОР ќе имаат Албанија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина исто како и Северна Македонија од -5%, а Србија од -3,5%.

За следната година, ЕБОР прогнозира раст на економиите во Северна Македонија, Србија и БиХ за 3%, на Албанија за 4,5%, на Косово за 4%, а на Црна Гора за 5%.

Фото: Pexels