ЕЦБ бара “чистач” на слабите европски банки

16

Европската централна банка (ЕЦБ) предложи еврокомесарот за заштита на пазарната конкуренција трајно да ја преземе задачата на ликвидација на слаби банки кои преживуваат главно благодарение на финансирањето преку централните банки, велат упатени извори.

Европската унија не договори програма за ликвидација на проблематични банки, па задачата за чистење на тој сектор му се падна на Јоакин Алмуња, помошен еврокомесар за заштита на пазарна конкуренција, кој во средата одобри реструктуирање на национализираните шпански банки, а слична проглама планира и за Грција.

Основањето агенција со овластување за ликвидација на пропаднати банки кои вештачки се одржуваат во живот со кредити од ЕЦБ е составен дел од планот за воспоставување банкарска унија во еврозоната.

Проблемот со таканаречените банки – зомби кои се одржуваат на површина поради поддршките на владите и централните банки и мали се шансите дека повторно ќе можат да ја кредитираат економијата, ќе бидат меѓу првите предизвици на оваа агенција.

Нема конкретни проценки за бројот на загрозени банки во Европа. Алмуња од почетокот на финансиската криза бараше реструктуирање на околу 50 банки и ликвидација на неколку од нив.

ЕЦБ не може да ја преземе задачата за чистење на секторот, затоа што би била во конфликт со владите кои обично ги плаќаат трошоците за ликвидација на банките. Затоа централната монетарна институција на еврозоната бара “чистач” кој ќе може да бара ликвидација, а некои во ЕЦБ сметаат дека тоа би можела да биде токму Европската комисија.

“Тие имаат мандат за зачувување на фискалната стабилност”, изјави за Ројтерс извор запознаен со начинот на размислување во ЕЦБ.