ЕЦБ ја започна програмата за соработка со централните банки од западен Балкан

39

Европската централна банка (ЕЦБ) ја започна соработката со централните банки на Македонија, Албанија и Косово. За реализација на овој проект Европската унија одвои половина милион евра од програмата за Претпристапна помош.

Целта на програмата е овие три централни банки да се подготват за влез во Европскиот систем на централни банки, со што ќе бидат целосно квалификувани за членство во Унијата.

Во рамки на програмата се утврдени чекори и насоки за целосно исполнување на европските стандарди на централните банки на Македонија, Албанија и Косово.

На првиот состанок на Управниот комитет на овој регионален проект меѓу ЕЦБ и централните банки од западен Балкан, кој што се одржа на 17-ти овој месец во Тирана, учествуваше вицегувернерот на НБРМ, Фадил Бајрами.

“Народната банка на Република Македонија уште минатата година, во соработка со ЕЦБ и Евросистемот, успешно спроведе еден ваков проект. Со остварувањето на проектот јасно се утврдија промените кон кои треба да се насочи НБРМ при нејзината подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки. Во финалниот извештај, Анализа на потребите на НБРМ, беа содржани 138 препораки за надминување на јазовите во однос на утврдените одредници на ЕУ во 11 области од централнобанкарското работење. Со задоволство можам да истакнам дека некои од нив се веќе остварени, а дел од нив се веќе вградени во Стратегијата на работењето на НБРМ, односно во Планот за работа за оваа година. Сепак, за севкупното спроведување на препораките ќе биде потребна дополнителна техничка помош во однос на искуството и знаењето од ЕЦБ и националните централни банки од ЕУ“, рече Бајрами.

Според него, токму вклучувањето на НБРМ во овој регионален проект, кој има за цел да ги олесни подготовките за спроведувањето на препораките, преку утврдување на План за нивно спроведување, е мошне значајно.

“Тоа ќе претставува основа за подготовка и остварување на последователен проект, но и основа за натамошно планирање и унапредување на билатералната соработка со централните банки со кои НБРМ веќе има традиционална соработка, како и за воспоставување соработка со други европски централни банки“, додаде тој.

Остварувањето на ваквите и слични проекти од страна на ЕЦБ и ЕУ во последниве неколку години го потврдува нивниот ангажман и посветеност во давањето помош на централните банки од земјите од западен Балкан на нивниот пат кон приклучувањето во ЕСЦБ, а подоцна и во Евросистемот.

Од друга страна, пак, со остварувањето на ваквите проекти се овозможува јакнење на соработката помеѓу централните банки од регионот и централните банки од ЕУ, којашто е неминовна во процесот на интегрирање на целиот овој регион во ЕУ.