Economist организира самит во Скопје посветен на земјите од Западен Балкан

47

Магазинот Economist, на први октомври, организира самит посветен на земјите од Западен Балкан, под името Reinforcing the momentum for European integration.

На настанот ќе учествуваат голем број гости говорници од земјава и странство. Воведно обраќање ќе има Џоан Хоеј, регионален директор на Economist за Европа, по што премиерот Зоран Заев ќе зборува на темата Стабилност и раст на Југоисточна Европа. Дали сме на вистинскиот пат? Најавено е и обраќање на поранешниот помошник државен секретар на САД, Вес Мичел, кој ќе зборува на темата Западен Балкан во ера на конкуренција на големи сили.

Во рамки на првата панел дискусија, македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, ќе дебатираат на темата Кои се следните чекори за европска интеграција на Западен Балкан, со посебен осврт на Преспанскиот договор.

Втората панел дискусија е посветена на перспективите на Европската унија, а ќе учествуваат вицепремиерот Бујар Османи, членот на Европскиот парламент и поранешен белгиски премиер, Гај Верхофстад, и потпретседателот на Европскиот парламент, Димитриос Пападимулис.

На третата панел дискусија, чија тема е Западен Балкан – оставајќи ги назад ривалитетот и несигурноста, ќе учествуваат: министерот за надворешни работи на земјава, Никола Димитров, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, помошникот на генералниот секретар на НАТО, Такан Илден, државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Србија, Немања Стевановиќ, и Кети Мери Брнс, американска амбасадорка во земјава.

Четвртиот панел е посветен на економските предизвици со коишто се соочува Западен Балкан, потребата од соработка на земјите од регионот и кредитните рејтинзи. На овој панел свои обраќања ќе имаат: Кочо Анѓушев, вицепремиер, Нина Ангеловска, министерка за финансии, Матео Ривелини од Европската инвестициона банка и Бојан Марковиќ, заменик директор на секторот за економија и политика во Европската банка за обнова и развој.

Петтиот панел ќе биде посветен на можностите Западен Балкан да стане бизнис центар, а меѓу другото, ќе стане збор за тоа како да се привлечат инвестиции, улогата на инфраструктурата, иновациите и идниот потенцијал на регионот. На овој панел ќе учествуваат: Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори, Атанасиос Савакис, претседател на Федерацијата на индустрии во Грција и Марко Мантованели, претставник на Светска банка во земјава, како и претставници од бизнис секторот.