Еден Македонец троши 30% помалку од жителите во земјите со повисока куповна моќ

24

Фото: Pexels

Македонецот троши 30% помалку од жителите во земјите со повисока куповна моќ, каде што просечните трошоци по глава жител изразени во стандарди на куповна моќ се 18% над просекот на Европската унија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Реалните трошоци за храна по глава жител во Македонија се рангирани во групата земји со релативно ниска куповна моќ.

Нивото на цените на лебот и производите од жито во Македонија изнесува 55,5% од просечното ниво на цените во Европската унија и е три пати пониско од нивото на цените во Швајцарија, што важи за земја со највисоко ниво на цени на овие производи.

Млекото, сирењето и јајацата во Македонија, како што покажуваат податоците, се поевтини за два пати од просекот на нивото на цените на групата земји чие ниво на цени е рангирано со над 30% од нивото на цените на ЕУ.

Кога станува збор за цените на овошјето, зеленчукот и компирите е 3,6 пати повисоко во Швајцарија отколку во нашата земја, каде што ценовнот ниво за оваа група производи е најниско во споредба со другите европски земји.

Цената на алкохолните пијалаци во Македонија е на најниско ниво во Европа и изнесува 62,6% од европскиот просек. Безалкохолните пијалаци, пак, во Норвешка се три пати поскапи од оние во Македонија, чие ниво на цени е 64,4% од просекот на ЕУ.

Облеката и обувките во Македонија, во споредба со другите европски земји, е повисоко само од Бугарија и Турција и е на ниво од 80,9% од просекот на ЕУ. Во нашата земја, нивото на цените за облека и обувки е 49% од нивото на цени во Исланд, каде што цените во оваа груша производи се највисоки во Европа.

Цените на цигарите во Македонија се на ниво од 26% од европскиот просек. Цигарите се најскапи во Норвешка и цените се околу осум пати повисоки од цените на цигарите во земјава.

Данска е земја со највисоко ниво на цените на опремата за личен превоз, додека Македонија е 88% од просекот на Европската унија. Најевтина опрема за личен превоз има во Чешка.