Единствената европска сила каде инфлацијата продолжува да расте

28

Велика Британија е единствената членка на Групата 7 (Г7), која ја сочинуваат богати земји, во кои инфлацијата сè уште расте, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Таа организација, со седиште во Париз, денеска, објави дека инфлацијата на Г7 во мај паднала на 4,6 отсто во мај, во споредба со 5,4 отсто во април, достигнувајќи го најниското ниво од септември во 2021 година.

Надолен тренд беше забележан во најнапредните економии во мај, со пад на годишната инфлација во САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Сепак, беше откриено дека Британија е исклучок.

Потрошувачките цени во Обединетото Кралство, за сите артикли, се зголемија за 7,9% во мај во споредба со претходната година, објави ОЕЦД, малку повеќе од нивото од 7,8% во април.

Патем, оваа информација доаѓа во време кога многу големи централни банки почнуваат да размислуваат да стават крај на нивните агресивни зголемувања на каматните стапки бидејќи цените се „ладат“, и покрај сѐ уште покачената инфлација, пишува CNBC.

Минатиот месец, Банката на Англија ги зголеми каматните стапки за 50 базични поени на 5%, што е поголем пораст отколку што многумина очекуваа. Тоа е 13-то по ред зголемување на каматните стапки на банката, при што основната стапка е највисока од 2008 година.

Овој потег, кој ги влоши стравувањата од катастрофа со хипотекарните кредити, го означи и отстапувањето од другите големи централни банки кои беа во можност да го забават или паузираат зголемувањето на каматните стапки.