Една третина од германските компании планираат да ги намалат инвестициите

Речиси секоја трета компанија во Германија има намера да ги намали инвестициите, без оглед на сè поубедливите индикации за економско закрепнување, според истражувањето на Германската индустриска и трговска комора (DIHK).

Помалку од една четвртина од домашните компании планираат да ги зголемат инвестициите, што, според директорката на DIHK, Хелена Мелник, е загрижувачко. „Големи инвестиции планираат само една од пет индустриски компании“, наведува Комората.

Истражувањето, исто така, покажува дека инвестициите главно се сведени на замена на машини и постројки, а не на иновации или експанзија. „Додека приватните компании повторно не почнат да инвестираат, нема да има ниту раст ниту создавање работни места“, рече Мелник, пренесува ДПА.

Германската економија неочекувано порасна во третиот квартал, со квартална стапка од 0,2 проценти, и покрај последиците од војната во Иран и отежнатиот сообраќај на пресушените реки.

Германија ја заврши претходната година со раст на бруто домашниот производ од 0,2 проценти, по две години рецесија. По последната ревизија на прогнозата, владата очекува раст од 1,3 проценти во 2026 година.

DIHK, исто така, ја зголеми прогнозата за оваа година, од 0,3 на 1,0 проценти, предупредувајќи во исто време дека растот е резултат на масовните државни инвестиции.

„Даночните обврзници и новите кредити плаќаат за овој раст. Државната помош не смее да ги крие длабоките структурни проблеми на Германија како економска локација“, рече Мелник. „Секој што сака да расте мора да ги олабави кочниците на инвестициите и иновациите“.

Компаниите во Германија продолжуваат да се борат со скапа енергија, скапи суровини и трошоци за работна сила, додаде таа.

Според анкетата на DIHK, само една од 10 домашни компании има намера да создаде нови работни места, додека една четвртина планира да отпушти работници.