Едно македонско семејство лани потрошило: 265 килограми леб, скоро 10 килограми кафе, 125 литри млеко…

98

Едно македонско семејство минатата година во просек потрошило 265,3 килограми леб, покажуваат податоците на македонската статистика.

Кога се работи за потрошувачка на производи од жито, освен леб, најмногу се потрошило брашно – 74,2 килограми.

Од зеленчук, просечно македонско најмногу потрошило компир и тоа 97,4 килограми, па 60,7 килограми пипер, 49,6 килограми домати и слично.

Кога се работи за овошје, Македонците најмногу сакаат јужно овошје – 70,7 килограми, па 44,9 килограми бостан и 41,8 килограми јаболка.

Од свежо и преработено месо, македонските семејства лани во просек потрошиле 46,5 килограми месо од живина, 41,2 килограми преработки од месо и 25,2 килограми говедско, телешко и јунешко месо. Рибата е многу здрава за секојдневната исхрана, астатистиката покажува дека лани едно просечно семејство изело 19,4 свежа и замрзната риба. За подготовка на храна, потрошени се 52,9 килограми масло за јадење.

Од млеко и млечни преработки, лани се потрошиле 125 литри млеко, 72,6 килограми кисечно млеко и јогурт, како и 42,4 килограми сирење. Минатата година едно просечно домаќинство во земјава потрошило 675 јајца.

Меѓу продуктите без коишто не можеме се кафето и какаото, па така лани од овие напитоци се потрошени 9,4 килограми. За една година, едно семејство во просеко изело и 26,4 килограми чоколадо.

Од алкохолните пијалоци, најмногу се потрошило пиво – и тоа 36 литри, па 5,6 литри вино, а кај безалкохолните пијалаци потрошената количина е 215,5 литри.

Фото: Pixabay