Младиот српски пронаоѓач Милош Станковиќ ја разви последната четврта генерација на уреди за уништување на амброзијата, преку регулација на фреквенција и струја по еколошки пат без користење на хемикалии и пестициди, пишува еКапија.
Овој уред за уништување на амброзија не ја загадува животната средина, а растението повеќе не расте во текот на сезоната и не им создава здравствени проблеми на луѓето кои имаат алергии. За уништување на ова растение досега се користеа само пестициди со кои се загадува земјиштето, храната, подземните води. Косењето не е ефикасно решение, бидејќи амброзијата повторно расте и пушта полен во животната средина.
Уредот на Станковиќ го стерилизира поленот, се уништува само растението, додека останатите корисни билки во близина, како и микроорганизимите во земјата остануваат недопрени. Уредот може да се постави на трактор, воз, камион, мотокултиватор, рачна количка, а постои и рачна варијанта. Оваа иновација може да ја уништува амброзијата во градските паркови, околу домовите, на нивите, ливадите и слично.
Цената на уредот за домаќинство изнесува околу 30 евра, додека за градско зеленило 100 евра.
Амброзијата е форма на плевел и претставува едно од најпознатите и најопасни алергени растенија во светот.