ЕФСЕ го зајакнува партнерството со Халкбанк со заеми во вкупен износ од 15 милиони евра

16

efse

Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) ѝ додели заем на Халкбанк АД Скопје во висина од 15 милиони евра за поддршка на приватниот сектор за домување и за поддршка на микро и малите претпријатија (ММП).

Приоритетните заеми од 10 милиони евра за проекти за домување и пет милиони евра за претпријатијата ја зголемуваат способноста на Халкбанк за финансирање на проектите за домување и реновирање на домовите за физички лица и обезбедување долгорочни заеми за ММП. Халкбанк и ЕФСЕ се партнери од 2006 година и Фондот континуирано нуди финансиски средства за кредитирање на домаќинствата и микро и малите претпријатија во Македонија, поддржувајќи ја стратешката ориентација на Халкбанк кон овие сегменти на пазарот.

“Овие заеми се последните во долгата линија на инвестиции, што го нагласуваат силното партнерство на ЕФСЕ со Халкбанк. Ние соработуваме една деценија и посветеноста на двата партнери, на приватните домаќинства и малите претпријатија продолжува со исто темпо“, изјави Кристоф Тискенс, претседател на Управниот одбор на ЕФСЕ.

Според Турхан Адеми, в.д. Главен извршен директор на Халкбанк, овие заеми се во согласност со мисијата на банката за обезбедување банкарски услуги со кои ќе се поддржи долгорочниот и одржлив развој на приватниот сектор со проекти за реновирање на домовите, прилагодени на пазарот на население во Република Македонија.

“Соработката со ЕФСЕ има значајно и големо влијание особено во развојот на нашите клиенти во доменот на микро и мали претпријатија и поддршката на секторот за работа со население во Република Македонија. Со овие заеми банката продолжува со својата мисија за промовирање на економскиот развој и благосостојбата на граѓаните во регионот“, изјави Адеми.

Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) беше формиран од Банката за развој KfW со финансиска поддршка од германското федерално Министерство за економска соработка и развој  (BMZ) и Европската комисија. Тој има за цел да го поттикне економскиот развој и благосостојбата во Албанија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Република Македонија, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Украина и Турција. Бидејќи пристапот до финансиски средства е клучен фактор за успех во развојот на микро, малите и средните претпријатија, ЕФСЕ се фокусира на помагање на локалните финансиски сектори во зајакнувањето на нивната способност за обезбедување соодветно и одржливо финансирање. Финансиските средства што ЕФСЕ ги обезбедува како долгорочно финансирање примарно на микро и мали претпријатија (ММП), но и за приватните домаќинства во форма на заеми за реновирање на домот, се канализираат до овие клиенти преку локални партнерски кредитни институции. Инвестиционите активности на ЕФСЕ се спроведуваат преку Програмата за развој на ЕФСЕ, која на партнерските кредитни институции им обезбедува техничка помош, консултантски услуги и обуки за градење на оперативните капацитети и професионално управување.

Основан од страна на Банката за развој KfW на 15 декември 2005 година од четири мултидонаторски програми под свое раководство, ЕФСЕ е првото јавно – приватно партнерство од ваков вид и првиот приватно управуван фонд за финансирање на развојот за зголемување на приватното финансирање на ММП во целниот регион. Капиталот го обезбедуваат донаторски агенции, меѓународни финансиски институции и приватни институционални инвеститори, вклучувајќи го и германското федерално Министерство за економска соработка и развој (BMZ), Европската Комисија (ЕК), Владата на Албанија, Кредитната поддршка за мали и средни претпријатија (SMBCS), подружница на Централната банка на Ерменија, Банката за развој на Австрија (Oesterreichische Entwicklungsbank – OeEB), Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Данската меѓународна агенција за развој (Danida), KfW како водечки инвеститор, Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Холандската компанија за финансии (FMO), Европската банка за обнова и развој (EBRD), Европската инвестициска банка (EIB), Сал. Опенхајм (Sal. Oppenheim) и Дојче Банк (Deutsche Bank).

Oppenheim Asset Management Services S.àr.l., Luxembourg е менаџер на фондот на ЕФСЕ, додека Finance in Motion GmbH, Germany е советник.