ЕИФ потпиша договори со 11 банки и финансиски посредници во ЗБ со кои ќе се обезбедат 750 милиони евра од кои 60 за Македонија

20

Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ), дел од Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ), потпиша договори за гаранција за портфолио со 11 банки и финансиски посредници во економиите на Западен Балкан, финансирани во рамките на иницијативата на ЕУ „Гаранција за отпорност на МСП на WB EDIF“. Договорите ќе им овозможат на локалните банки и финансиски институции да изградат портфолио на заеми за мали и средни претпријатија во вкупен износ од над 750 милиони евра, заедно со оние што допрва треба да се потпишат во првата половина на 2024 година Од нив околу 60 милиони се за Северна Македонија.

-Овие финансиски ресурси се наменети да го зголемат пристапот до финансии кај малите бизниси и да ја подобрат нивната отпорност на тековни економски непогоди, истовремено создавајќи услови за проширување на бизнисот, вработување и иновации. Во Северна Македонија, оваа платформа се очекува да распореди заеми во вкупна вредност од 60 милиони евра достапни под поволни услови за кредитирање на околу 1.100 мали и средни претпријатија, притоа одржувајќи над 15.000 работни места, информираат од Делегацијата на ЕУ.

Гаранциите на ЕИФ, како што велат, до денеска во земјава обезбедија вкупно околу 225 милиони евра за над 1.000 мали и средни претпријатија, што помогна да се одржат 64.000 работни места.

-Со поддршка на малите бизниси на Западен Балкан, особено во неговите најмалку опслужени и кревки сегменти, овие обемни финансиски ресурси ќе го подобрат нивниот капацитет за иновации и раст, истовремено придонесувајќи за понатамошна интеграција во економијата на ЕУ. Со тоа, овие средства ќе дадат дополнителен поттик за развој на робусни и конкурентни регионални економии, како и нивен напредок на глобалните синџири на вредност, изјави Марјут Фалкштет, главниот извршен директор на ЕИФ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека микро, малите и средни претпријатија го сочинуваат столбот на економијата на Северна Македонија.

-Благодарение на Гаранцијата за отпорност на МСП на WB EDIF, таквите компании ќе можат да добијат кредити под поповолни услови. За возврат, ова ќе им помогне да инвестираат во нови технологии, да ги подобрат деловните, менаџерските и техничките капацитети, да промовираат раст и да придонесат за отпорност и конкурентност. Оваа помош е дел од пошироката поддршка на ЕУ за секторот, во регионот на Западен Балкан и е уште еден пример за континуираната посветеност на ЕУ за развој и просперитет на регионот, рече евроамбасадорот Гир.

Централна мисија на ЕИФ е да ги поддржува микро, малите и средни претпријатија помагајќи им да пристапат до финансии. ЕИФ дизајнира и развива капитал за вложување и раст, гаранции и микрофинансиски инструменти што конкретно го таргетираат овој сегмент на пазарот. Во оваа улога, ЕИФ ги поттикнува целите на ЕУ за поддршка на иновациите, истражувањето и развојот, претприемништвото, растот и вработувањето.