ЕК: Дигитални сертификати и за граѓаните од Западен Балкан

37

Европска Унија планира да започне со примена на дигитални сертификати од јуни, а отворена е можноста државјаните на трети земји, вклучувајќи го и Западен Балкан, да бидат снабдени со овој документ кога патуваат, пренесува Радио Слободна Европа.

Сепак, портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, истакна дека сè уште е забрането несуштинското патување на граѓани од трети земји во ЕУ.

“Оние кои можат да патуваат во моментот, исто така, ќе можат да добијат зелен дигитален сертификат со барање од земјата членка во која патуваат, доставувајќи докази за вакцинација. Земјите членки мораат да ги проценат доказите и да издадат дигитален сертификат“, рече портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд.

Дигиталните сертификати воведени од ЕУ ќе содржат информации за вакцинација, негативен ПЦР-тест или присуство на антитела.

Во Европската комисија тврдат дека наскоро ќе има опција со која на државјаните на трети земји ќе им бидат признаени потврдите за вакцинација издадени од нивната земја, но дека тоа бара усогласување на системот за издавање на овие документи со европските барања.

“Ова практично ќе ги признае сертификатите на трети земји во ЕУ на ист начин како дигиталните зелени сертификати издадени од ЕУ“, рече Кристијан Виганд од Европската комисија.

Портпаролот на Брисел, исто така, објасни дека со цел да се избегне ограничување на патувањата, дигиталните сертификати поврзани со вакцините признаени од Европската агенција за лекови ќе бидат издадени во рамките на ЕУ и дека на земјите членки им останува да одлучат индивидуално дали ќе прифатат вакцини од други производители.

Фото: Facebook