ЕК: До 2030 година 25% од земјоделството да биде органско

106

Европската комисија (ЕК) денеска отвора јавна консултација за иднината на органското земјоделството, целта е во следните 10 години, 25% од земјоделството да биде посветено на органско производство, јави дописничката на МИА од Брисел.

За Европската комисија органското земјоделство ќе стане приоритетно, вели еврокомесарот задолжен за оваа област, Јануш Војчеховски. За да се постигне таа цел ќе треба да се донесат дополнителни законски акти, за кои ќе треба да преговараат земјите членки и европратениците.

Меѓутоа под притисок на одредени лоби групи како и на земји во и вон ЕУ, законската рамка за органско земјоделство што требаше да стапи на сила на 1 јануари 2021 се одложува за една година, на први јануари 2022.

Еврокомесарот тврди дека тоа не ги менува амбициите на Европската Комисија.

“Органското земјоделство ќе биде клучен сојузник во транзицијата што ја водиме кон поодржлив прехранбен систем и подобра заштита на органскиот сектор. Комисијата ќе продолжи да го поддржува органскиот сектор во целта – 25 %од земјиштето да биде искористено за органско производство до 2030 година преку соодветни политики и законска рамка“, изјави Војчеховски.

Органското земјоделско производство користи природни супстанци и има помалку штетен ефект врз животната средина. Земјоделците кои работат органско производство користат значајно повеќе обновливи ресурси и внимаваат на заштитата на еколошкиот биодиверзитет, преку одговорна употреба на природните ресурси како водата. Под органско земјоделство се подразбира и многу построга заштита на животните и нивните потреби.

Фото: Freepik