ЕК ја ограничува употребата на некои конзерванси во козметичките производи

39

kozmetika

Европската комисија донесе дополнителна заштита за потрошувачите, посебно за доенчињата и малите деца, усвојувајќи две мерки со кои се ограничува употребата на некои конзерванси во козметичките производи, пренесува Seebiz.eu.

“Уште еднаш покажавме дека безбедноста на потрошувачите е исклучително важна со секоја донесена одлука. Конзервансите се важни во козметичките производи бидејќи ни овозможуваат секојдневна употреба без патогени супстанци. Но, мора да бидеме сигурни дека конзервансите гарантираат максимално ниво на заштита. Со мерките на потрошувачите им се дава гаранција дека нивните козметички производи се сигурни“, вели комесарот на ЕК за заштита на потрошувачите, Невен Мимица.

Одлуката на Комисијата се темели на оценката на независниот научен одбор за безбедност на потрошувачите, советодавно тело што спроведе детална оценка на ризиците пред препораките на нивните ограничувања или забрани.

На овој начин Комисијата ја ограничува максималната концентрација на два вида конзерванси – пропилпарабен и бутилпарабен. Досега дозволената граница од 0,4%, кога се употребува поединечно и 0,8% кога се меша со други, се менува на 0,14% кога се употребува поединечно или во комбинација.

Новите правила ќе се применуваат на производи кои во продавниците ќе се најдат по 16 април следната година.