ЕК ја вклучи Македонија во Балканско – Медитеранскиот макро – проект

23

Комесарот за регионална политика, Јоханес Хан, денеска на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, му соопшти дека Европската комисија преку канцеларијата за регионална политика ја вклучи Република Македонија во најновиот Балканско-Медитерански макро-проект вреден 28 милиони евра. Како што јавува МИА, најново и најважно е што Македонија нема да биде оставена на страна во однос на макро-проектите на Европската унија и дека во најновата програма за Југоисточна Европа, наместо во Јадранско-јонската стратегија, нашата земја влегува во Балканско-Медитеранската иницијатива.
“На состанокот меѓу македонскиот министер за транспорт и врски и комесарот за регионална политика, разговарано е за бројни прашања, но најважно и најконкретно беше прашањето за територијална соработка. Комесарот Хан истакна колку многу е важно за Еврокомисијата да ја задржи Македонија во игра преку територијалан соработка во регионот. Тој потенцираше дека во програмата за земјите од Југоисточна Европа, сега поделбата е на три делови и истата ќе ја рефлектира географијата од макро-регионот. Па така, во новата транспортна програма, наречена Балканско-Медитеранска, покрај Македонија ќе бидат вклучени и Бугарија, Кипар, Грција и Албанија. Кога одлучивме да ја поделиме програмата за Југоисточна Европа, имаше загриженост дека Македонија нема да биде во Јадранско-јонска и воопшто во новата програма на ЕУ за регионот. Но, ние креиравме трет дел што е наречен Балканско-медитерански, кој ја вклучува земјата со останатите земји и тоа е добро, бидејќи значи дека продолжува соработката со соседите. Ние знаеме дека земјата сака да влезе во Јадреанско-јонската стратегија, но ова е единственото можно во моментов и за истото е дискутирано. На комесарот Хан му беше најважно да се задржи земјата во игра”, истакна портпаролката на Хан, Ширин Вилер, во изјава за МИА.
Министерот Јанакиески, пак, по средбата потенцираше дека главна тема на дискусијата биле 14-те проекти што ги води Министерството за транспорт и врски, а припаѓаат под ИПА-компонентата.
“Главен проект во оваа компонента е делницата Демир Капија-Смоквица во рамки на Коридорот 10. Она што денеска како позитивна вест го дознавме е дека веќе е одобрена целокупната документација за почеток на избор на градежна компанија за делницата Битола-Кременица со крак кон индустриската зона Жабени. Деновиве очекуваме да го добиеме официјално тој допис и потоа почнуваме со постапка за избор на градежна компанија. Овој проект е многу значаен за Република Македонија и истиот е во вредност од 21 милион евра. А, ќе имаме и уште една алтернатива за поврзување на Македонија со Грција, но и железничко поврзување за индустриската зона во Жабени”, потенцира Јанакиески.