Европскиот антимонополски регулатор се подготвува да го казни руски Газпром по обвинение за злоупотреба на доминантна позиција во Централна и Источна Европа. Тоа го изјави еврокомесарот за пазарна конкуренција Хоакин Алмуња, според кого санкцијата може да надмине 15 милијарди долари, јавува Ројтерс.
Истрагата траела една година и спроведени се рации во неколку канцеларии во Централна и Источна Европа. Еврокомесарот прецизира дека истрагата ги опфаќа Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија и Бугарија.
Постапката против Газпром се уште е на ниво на подготовка на обвинение и за следните чекори е рано да се зборува, но ако биде докажано дека руската компанија го прекршила антимонополскиот закон, тоа ќе ја чини 10% од минатогодишниот приход, односно 15 милијарди долари.
Според антимонополскиот регулатор на ЕУ, Газпром можеби ја искористувал доминантната позиција на пазарот, го ограничувал слободниот проток на гас во Европа и наметнувал нефер цени за потрошувачите, врзувајќи ја цената на гасот со цената на нафтата.
Газпром снабдува една четвртина од потрошувачите на гас во Европа, а 65% од потрошувачите во централна и источна Европа.
Од Газпром ги отфрлуваат обвинувањата уште по објавувањето на почетокот на истрагата, а извршниот директор на Газпром Александар Медведев во средата за CNBC изјави дека обвинувањата се политички мотивирани.