Според последната проценка на Европската комисија (ЕК), македонската економија во 2013 година ќе оствари раст од 2,1%.
Во есенскиот извештај на ЕК, покрај прогнозите за целата Европска унија и еврозоната, се изнесуваат предвидувања и за секоја држава членка, но и за државите кои се кандидати за членство во Унијата.
Македонија во наредната година, според ЕК, треба да оствари раст од 2,5%, а се очекува инвестициите да бидат главен двигател на растот на македонската економија.
Во делот за невработеноста, се очекува стапката на невработеност во Македонија до 2015 година да падне на 28% од 32% во 2010 година.
Европската комисија предупредува дека јавниот долг на централната влада и понатаму ќе расте, од 25,8% во 2010 година, се очекува на крајот од 2013 да достигне 36,1%, а во 2015 година да се искачи на 39,4% од БДП.
Буџетскиот дефицит на Македонија годинава се очекува да се намали на 3,7%, а во 2015 година да се спушти на 3,3% од БДП.
Што се однесува до трговскиот дефицит, истиот се очекува да се намали годинава поради растот на извозот, но се предвидува повторно да се прошири за две години, кога се очекува раст на увозот ако последица на силната инвестициска динамика.