Еколошката акција на Пакомак и во основните училишта во општина Аеродром

44

Со презентацијата на директорите на основните училишта, во општина Аеродром денеска започна големата еколошка акција на Пакомак за почиста околина и подобрување на хигиенските услови во училиштата. Еко –  акцијата ќе ги опфати сите осум основни училишта на територијата на општина Аеродром, а целта е да се активираат децата, заедно со нивните семејства да го селектираат отпадот од најмала возраст и да се едуцираат за важноста од селекцијата на отпадот и рециклирањето.

“Како компанија која има за цел да ја подигне општата еколошка свест кај граѓаните, особено за потребата од селектирано собирање на амбалажниот отпад и негово рециклирање, нашата цел е со овој проект да го поврземе целиот ланец за успешно собирање на отпадот, од кој сите имаме придобивка: природата, училиштето и граѓаните. Минатата учебна година проектот беше одлично прифатен од страна на учениците, наставниците и родителите што резултираше во успешна акција во која беа собрани над еден милион пластични

шишиња или 26 тони пластичен отпад од основните училишта од Кисела Вода, Карпош и Гази Баба. Со приклучувањето на општина Аеродром, Ѓорче Петров и Центар кон акцијата, се надеваме дека ќе имаме уште поуспешна година и ќе собереме двојно повеќе пластичен отпад!”, изјави Филип Ивановски, главен извршен директор на Пакомак.

Акцијата во општина Аеродром е проширување на постоечката еколошка акција во која се вклучени основците од општините Кисела Вода, Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров и Центар, а како и минатата година е во организација на компанијата Пакомак и скопските општини, со поддршка на Шпаркасе Банка.

Пакомак, како и досега, во секое училиште ќе постави наменски контејнери,  што учениците во одредени денови ќе ги полнат со амбалажен отпад од пластика – исклучиво со пластични шишиња од вода, сокови, јогурт, пиво, оцет и од масло. За собраниот амбалажен отпад од пластика, Пакомак ќе возврати со  хигиенски средства – професионални апарати и неограничени количини течен сапун – до секоја чешма во училиштата, кои до сега беа на трошок на училиштата и родителите. Проектот има и натпреварувачко-мотивирачки карактер, бидејќи на секои два месеци ќе се евалуираат резултатите и ќе се доделат неколку споредни награди за најдобриот ученик, одделение или училиште, а на крајот на учебната година ќе се доделат главни награди за најуспешното училиште од секоја општина.