Економија и туризам – две главни теми за финансирање од ИПА III

4

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во Албанија имаше состанок со Зеф Мази, шеф на преговарачкиот тим за интегрирање во ЕУ и национален ИПА координатор, како и со заменикот министер за Европа и надворешни работи, Сокол Дедја. Милевски и Мази разговараа за приоритетите во новата Програма за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, во рамките на ИПА III програмскиот период 2021-2027 година како и искуствата од досегашната имплементација на ИПА II. Тема беа и потенцијалните стратешки проекти кои би се финансирале со средства од претпристапните фондови на Европската Унија, наменети за прекугранична соработка, во следниот програмски период до 2027 година.

“За приоритетите се согласивме дека во ИПА III програмата во иднина ќе бидеме фокусирани на два главни теми: економијата и туризмот заедно со културното наследство, а како резервен и додатен приоритет ќе биде и градење на капацитетите на општините“, појасни министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Според Милевски двете страни се договориле, половина од средствата да се наменат за финансирање на два стратешки проекти, со другите 50% да се финансираат помали проекти за зајакнување на капацитетите на општините, како и за екологија и туризам.

“Средбата беше успешна, двете страни се задоволни, најдовме заеднички јазик, а во иднина двете земји треба да се развиваат бидејќи и двете земји имаат желба да добијат датум за преговори и да станат дел од Европската Унија“, додаде Милевски.