Економија: Штетите во туризмот ќе бидат најголеми

30

Штетите во туризмот ќе бидат најголеми имајќи ги предвид и резултатите од другите земји, укажуваат од Министерството за економија.

“Според информациите од туристичките комори има значителен број на откажувања или одложувања на најавени групи кај хотелиерите и туристичките агенциите кои работат дојдовен туризам, намален број на индивидуални резервации,  значителни откажувања на најавените семинари, конференции и настани, oтсуство на интерес за посети како резултат на претпазливост, намален интерес и отежнати продажби на распишаните аранжмани за сите дестинации, бројни барања за прекин на договор за организирано патување во странство поради претпазливост како и други откажувања“, стои во соопштението на Министерството за економија.

Министерството за економија по однос на барањата за мерките од Туристичкото стопанство го има следниот став:

Туристичките здруженија и комори да достават анализа на штетите кои што се предизвикани од откажување на тури, семинари, конференции и продажба на аранжмани и истите да ги достават до Координативното тело кое е веќе е формирано и е составено од претставници од Министерство за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот како и сите Комори и Здруженија.

Имајќи предвид дека дел од мерките се поврзани со даночни олеснувања задолжително да се направи анализа од страна на Министерството за финансии, како и Министерството за култура во делот на барањата за правилникот на ЗАМП.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот согласно своите надлежности, како што се наведува, да направи анализа за можностите за промена на Програмата за работа како и пренамена на средствата предвидени за Субвенции за странски организиран туристички промет во Фонд за туризам со цел обесштетување на засегнатите страни.

Што се однесува до мерките кои се директно под надлежност на Министерството за економија, оттаму укажуваат дека туристичкото стопанство ќе има максимална поддршка, односно предлогот за осигурување на аранжмани е прифатлив и истиот е предвиден во измените на Законот за туристичка дејност.

Уште при последниот состанок на Координативното тело за туризам Министерството за економија ја поддржуваше мерката “Конференции, симпозиуми, семинари и други настани кои се во организација на државни институции, општини или други јавни установи наместо да се предвидат надвор од државата да се организираат во нашата држава во објекти кои имаат соодветна материјално техничка база како одговор на сите одложени настани и ненадоместливата штета”.

Во делот на мерката за поддршка на домашен туризам којашто Министерството за економија го има предвидено во Програма ќе се разгледува и предлогот истата да се дополнува и со ранливи категории како што се пензионери и граѓани со одредени заболувања.

Имајќи го предвид горе наведеното, Министерството за економија смета дека во ситуации каде што главен предизвик е решавање на проблемот со вирусот COVID-19  не треба да се гледа можност за користење на ситуацијата за постигнување на одредени придобивки.

“Апсолутно сме свесни дека туристичкото стопанство има сериозни последици , но факт е дека и другите гранки од економијата ги чувствуваат истите. Потребен е прагматичен, ефикасен и ефективен пристап кон проблемот“, велат оттаму.

Фото: Pixabay