Економијата на еврозоната забави во септември

45

Континуираното ширење на коронавирусот ја намали побарувачката, така што економијата на еврозоната го забави растот во септември. Понудата е исто така ограничена со проблеми во синџирите на снабдување, покажа извештајот на лондонската компанија за собирање и обработка на економски податоци, IHS Markit.

Индексот IHS Markit на менаџери за набавки (PMI) во приватниот сектор на Еврозоната падна за 2,9 поени во септември во споредба со август, на 56,1 поени, што е најниска вредност во последните пет месеци.

Markit соопшти дека економската активност пораснала со многу побавно темпо во септември, како одраз на намалената побарувачка, проблемите во синџирот на снабдување и стравувањата од ширењето на коронавирусот.

Иако побарувачката забележа најслаб раст во изминатите пет месеци, таа повторно ја надмина понудата, така што трошоците на компаниите во септември најмногу се зголемија во 2021 година, а растот се повеќе се чувствува во услужниот сектор.

Септемврискиот PMI покажува непожелна комбинација на нагло забавување на економијата и нагло зголемување на цените, рече главниот деловен економист на IHS Markit, Крис Вилијамсон.

Понискиот раст на индустриското производство е првенствено поврзан со ограничувањата во синџирите на снабдување, што исто така негативно влијаеше на некои компании во услужниот сектор.

Така, компаниите и понатаму имаат потешкотии да ја следат побарувачката, што резултира со продолжени периоди на испорака.

Бизнис лидерите стравуваат дека варијантата на делта на коронавирусот ќе влијае на синџирите на побарувачка и снабдување во наредниот период.

Според Вилијамсон, општата стапка на раст засега е сe уште солидна, но се повеќе се чини дека таа дополнително ќе ослабне во наредните месеци, доколку кризата со цената и понудата не стивне. Ова е речиси сигурно во услови на можно зголемување на бројот на заразени лица на почетокот на есента.